Дебакл од Израел за втор пораз на македонските надежи

По несреќниот пораз од 0-1 против Шпанија пред неколку дена, фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години уште еднаш мораше да се помири со пораз. Овој пат немаше дилеми, Израелците ја декласираа нашата селекција во второто полувреме, односно со конечни 4-1, иако во првиот дел „црвено-жолтите“ имаа предност.

Во 33-тата минута Бехар Фета го постигна водечкиот гол за Македонија, а Израел во вторите 45 минути четири пати ја тресеше мрежата. За израмнување, односно комплетен пресврт, голови постигнаа Харуш и Габај за само две минути, во 52-та и 55-та минута од белата точка.

Торгеман ги реши дилеми со два гола, и тоа повторно постигнати во рок од две минути (77‘, 79‘).

По два меча и два порази, Македонија е без бодови на третото место на табелата, но со подобра гол разлика од Фарските Острови, кои претходно загубија 6-0 од Шпанија, а шансите за пласман во следната фаза се речиси невозможни.

Од оваа група понатаму со сигурност одат Израел и Шпанија, со тоа што Израелците засега се прво пласирани поради подобра гол разлика, а за првото место ќе се одлучува за три дена во директен дуел на овие две екипи. Македонија во ист ден игра против Фарските Острови, во терминот од 14:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести