Дедо Мраз, навивачите на Барса имаат само една желба за Новата 2020

Оваа желба и Дедо Мраз тешко дека ќе може да ја оствари. Навивачите на Барселона го посакуваат Јирген Клоп како иден тренер на екипата. Така барем вели анкетата на каталонскиот медиум „Мундо депортиво“ направена пред портите на стадионот „Камп ноу“.

Од вкупно 240 фанови на Барса коишто учествувале во оваа анкета, дури 80% од нив сакаат Валверде да го напушти кормилото, а како замена да дојде предводникот на Ливерпул, Клоп, кој доби 33,6 отсто поддршка. Човекот кој минатата пролет беше режисер на спектакуларниот камбек на Ливерпул за пласман во финалето од ЛШ, кој им го уништи европскиот сон, сега е најголемата желба на навивачите на шпанскиот првак. На второ место, поточно 31,98% од гласовите доби Роналд Куман, додека само шест отсто од навивачите го посакуваат Пеп Гвардола назад на клупата.

Но, оваа желба засега ќе си остане како неостварена бидејќи Клоп пред помалку од две недели потпиша нов договор и ќе се задржи на „Енфилд роуд“ најмалку до 2024 година. Во меѓувреме, на Валверде соработката му завршува по крајот на оваа сезона, а во зависност од успехот, пред сè во Лигата на шампионите, ќе се одлучи дали таа ќе се продолжи на уште една година.

- Оглас -

Најнови вести