Турчинот Тургај Демирел и во наредните четири години останува претседател на Европската кошаркарска федерација, ФИБА Европа. Тој на денешното гласање на Генералното собрание на ФИБА Европа, добил најмногу гласови од тројцата кандидати.
Според информациите од Минхен, во првиот круг од гласањето, Демирел добил 22 гласа, Сирил Куманс 17 гласа, а Дејан Томашевиќ само 11, и Србинот не успеал да влезе во финалниот круг. Томашевиќ беше фаворитот на претседателот на КФСМ, Перо Антиќ, но и на турската федерација, иако кандидат беше и Турчин.
Во вториот круг кога останаа само двајца, Демирел добил 27, а Куманс 23 гласа, па така Турчинот останува на чело на ФИБА Европа и во наредните четири години.
Доколку Антиќ во финалниот круг гласал за Демирел, Македонија може да се надева на одлични односи со ФИБА Европа и продолжување на традицијата на добивање организација на младински европски првенства секое лето, настани што се добар извор на приходи за федерацијата.