Ден Д во групата Б, ова се сите девет можни комбинации!

Натпреварите Реал Мадрид – Борусија Менхенгладбах и Интер – Шахтар се најинтересните од вечерашната програма во Лигата на шампионите бидејќи во оваа група Б сите четири тима имаат шанса да се пласираат во осминафиналето. Има девет различни сценарија како може да се заврши оваа група, а во моментов сигурни се само две работи: Интер нема шанса да биде прв и Борусија има обезбедено европска пролет, само не се знае дали во ЛШ или во Лигата на Европа.

Реал Мадрид: Кралскиот клуб со победа е прв (ако Шахтар не победи во Милано) или втор (ако победи и Шахтар). Со нерешено, Реал не може да биде прв, но може да биде втор ако победи и Интер. Во спротивно (победа или реми на Шахтар), Реал со реми ќе биде трет и се сели во Лигата на Европа. Реал со пораз може да биде трет ако победи и Шахтар. Ако победи Интер, Реал со пораз ќе биде последен.

Интер: Нераѕурите со победа ќе бидат или втори (ако има победник и во Мадрид) или трети (ако во Мадрид биде нерешено). Со реми или пораз Интер ги губи шансите и останува последен во групата.

Борусија М.: Германците се на пол-позиција, но може да останат без место во ЛШ и да продолжат во ЛЕ. Со победа во Мадрид, Борусија е сигурно прва. Со нерешено, одат понатаму како први (ако победи Интер или нерешено во Милано) или втори (ако победи Шахтар). Ако загуби од Реал, Борусија ќе биде втора само ако средбата во Милано заврши нерешено, другите две комбинации (ако има победник во Милано) ги оставаат на трета позиција.

Шахтар: И Украинците по победата над Реал во минатото коло се во ситуација сами да решаваат за себе. Победа ги носи во осминафинале како први (ако победи и Реал, или нерешено во Мадрид) или втори (ако победи Борусија). Со реми во Милано, Шахтар останува во ЛШ (ако Реал не победи) или се сели во ЛЕ (ако победи Реал). Пораз за Шахтар значи збогување со ЛШ, но може да одат во ЛЕ ако Борусија слави во Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести