Денеска е денот „Д“: Треба да се донесе одлука дали ќе продолжи фудбалското првенство

Челниците на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заедно со претставниците на сите прволигашки клубови денеска треба да донесат конечен став дали постојат услови да се доигра прекинатата натпреварувачка сезона 2019/20.

Во услови на пандемија од корона-вирусот, фудбалот во Македонија повеќе од два месеци е во прекин, а сега треба да се процени дали има услови од здравствениот протокол за враќање на фудбалските екипи на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност враќањето на фудбалските терени да биде максимално сигурно за сите учесници.

Координативниот кризен штаб за здравствена заштита пред неколку дена побара од ФФМ да подготви здравствен протокол, а Федерацијата веќе го достави бараниот протокол до надлежните институции и до клубовите. Тој протокол денеска детално ќе биде презентиран и од страна на епидемиологот д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје.

До прекинот на првенството беа одиграни 23 кола, во кои Вардар е лидер со 46 бодови, дури 10 повеќе од Силекс, а третопласираната Шкендија заостанува со 11 бодови.

Досега во Европа беа прекинати неколку првенства, а во дел беа прогласени шампиони, во дел беше поништена сезоната. Фудбалските шампионати беа прекинати во Франција, Холандија, Белгија, Велс, Шкотска…

- Оглас -

Најнови вести