Денвер потсети на ланските луди авантури, Јокиќ и Мареј ги скротија биковите (Видео)

Денвер нагетс потсети на ланските луди авантури, кога одигра одличен плејоф и стасаа до финалето на Западната конференција, а во тој дух одиграа и ноќеска против Чикаго булс.

Иако губеа со 14 поени разлика, 89:103 на 8 минути до крајот на мечот, не се предадоа и предводени од одличниот тандем Јокиќ-Мареј славеа по продолженија со 131:127.

Јокиќ постигна 34 поени, со 15 скока и 9 асистенции и му фалеше само уште едно прецизно додавање за трипл-дабл, но овојпат јунак број 1 беше Џамал Мареј.

Бекот на Денвер ја постигна клучната тројка во регуларниот дел што ги спаси Нагетс од пораз и тоа на една секунда до крајот на регуларниот дел.

Со тие поени израмни на 116:116, а потоа во продолженијата домаќините стасаа и до 25. победа во тековниот шампионат во НБА лигата. Мареј го заврши мечот со идентичен број на поени, 34, како и Јокиќ.

Одличен меч одигра и Лука Дончиќ со 38 поени и по 9 скока и асистенции за Далас маверикс, но Портланд беше подобар во ефикасен меч и славеше со 125:119.

Бековскиот тандем на Портланд, Си-Џеј Меколум и Демиен Лилард постигнаа заедно 63 поени, или над половината на целата екипа на домаќините.

Резултати: Бостон – Сакраменто 96:107, Кливленд – Сан Антонио 110:116, Хјустон – Детроит 100:113, , Мемфис -Голден стејт 103:116, Мајами – Индијана 110:137, Орландо – Бруклин 121:113, Торонто – Јута 112:115, Денвер – Чикаго 131:127 по продолженија, Феникс – Минесота 113:101, Портланд – Далас 125:119.

 

- Оглас -

Најнови вести