Дер Бомбер е на смртна постела – Бекенбауер: Очаен сум, тој е најважниот играч во историјата на Баерн

Герд Милер е на смртна постела и боледува од деменција, а трогателна приказна за состојбата на еден од најдобрите стрелци на сите времиња раскажа неговата сопруга Уши Милер.

„Речиси 24 часа лежи во кревет и ретко е буден. Стравувам дека полека тоне кон задгробниот живот кога спие“, изјави Уши Милер за „Билд“.

Популарниот Дер Бомбер има 74 години и е голема икона на германскиот фудбал. Освои две значајни титули со Западна Германија, а го крена пехарот на Европското првенство во 1972 година и две години подоцна на Мундијалот, кога во финалето го постигна и победничкиот гол за Западна Германија против Холандија предводена од Јохан Кројф.

Милер има и четири титули со Баерн во германското првенство, три пехари во Купот на европските шампиони и еден трофеј во Купот на победниците на куповите.

Герд постигна 68 гола на 62 меча за Западна Германија и неверојатни 365 за Баерн Минхен на 427 мечеви во Бундеслигата.

„Очаен сум за состојбата на мојот пријател. Па тој е најважниот фудбалер во историјата на Баерн Минхен. Благодарение на него и на неговата генерација, Баерн се крена на високо место во историјата на клупскиот фудбал во Европа. Сигурен сум дека луѓето и по 100 години ќе се сеќаваат на делата на Герд Милер“, изјави Франц Бекенбауер, уште една голема легенда на Баерн и на германскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести