Дерби во Тетово: Лидерот Шкендија го пречекува младиот Вардар

Дербито на 20-тото коло во Првата лига на Македонија се игра во Тетово, каде што лидерот Шкендија го пречекува младиот состав на Вардар. Екипата на Ернест Ѓока го отвори пролетниот дел со гостински триумф кај Силекс, па сега целта е да се влезе во победничка серија, односно јасно е дека домаќините посакуваат нов поволен резултат против големиот ривал.

Речиси целиот тим на Вардар се состои од млади и неискусни играчи, како и нов тренер во Никола Илиевски – Џиџи, па затоа тежок ќе биде предизвикот да се освои Тетово ако се знае дека последен пат тоа се случи во април 2017 година во рамките на Купот на Македонија. Во вкупниот меѓусебен биланс, Вардар дури 13 меча во низа нема победено против Шкендија, а последното дерби кое се одигра во Скопје беше заборавно за најтрофејниот македонски клуб со дебакл од 1-5.

Вардар има само три гостински победи сезонава во вкупно девет натпревари, додека Шкендија пред зимската пауза го претрпе првиот пораз на домашен терен и тоа со минимални 0-1 од Пелистер, па недозволиво ќе биде и во првиот домашен дуел од пролетниот дел од сезоната да се испуштат бодови.

Дербито е закажано во 14 часот, а во истиот термин се играат уште четири натпревари од 20-тото коло на ПМФЛ:

Беласица – Струга ТЛ, Македонија Ѓорче Петров – Борец, Пелистер – Ренова и Шкупи – Академија Пандев.

- Оглас -

Најнови вести