Дербито на Манчестер го суди арбитар од Манчестер, а тоа ги радува гостите

Речиси не се памети ситуација во која Манчестер сити бил толку голем фаворит во дуелот со градскиот ривал Манчестер јунајтед. „Граѓаните“ се актуелни шампиони на Англија, играат на домашен терен, се наоѓаат во добра форма и сето тоа прави средбата да не изгледа како дерби.

Сепак, кога се работи за Манчестер јунајтед, никогаш ништо предвреме не се знае. Тоа се потврди и во мечот од Лигата на шампионите, кога „црвените ѓаволи“ во второто полувреме направија пресврт и славеа на гости кај Јувентус со 2:1. Освен фактот дека Јунајтед игра на ипспирација и може секого да изненади, многумина потенцираат дека гостите ќе имаат уште еден голем адут, а тоа е судијата.

Ентони Тејлор ќе биде делител на правдата денеска на стадионот „Итихад“. Тоа е судија кој е роден во Манчестер, но е етикетиран како голем навивач на Јунајтед, бидејќи живее во близина на „Олд Трафорд“. Токму поради судијата кој е делегиран да го суди дербито, дел од навивачите на Сити најавија дека се плашат од евентуален намерен судиски кикс. За разлика од фановите, тренерот на Сити, Пеп Гвардиола не е загрижен.

„Тејлор ќе ни суди? Не е проблем, мислам дека ќе се обиде да биде на највисоко ниво. Верувам дека и тој како и сите играчи и тренерите, сака да има вистинско дерби. Најважно за нас е да се фокусираме на нашата игра и да мислиме како да ги сопреме нападите на противникот. Секој може да навива за било кого. Тоа е приватна работа. Ниеден судија не сака да направи грешка. И Тејлор е свесен дека цел свет ќе го гледа овој меч“, рече Гвардиола.

Последен пат Тејлор судеше на „Итихад“ во декември 2016 година и тоа на дербито Манчестер сити – Челзи. „Граѓаните“ го добија тој меч со 3:1. Сепак, ако вкупно се погледнат дуелите на кои Тејлор му судел на Манчестер сити, „граѓаните“ во 12 премиерлигашки дуели немаат ни 40 отсто победи, односно се радувале само пет пати.

Манчестер јунајтед е многу поуспешен кога му судел Тејлор. „Црвените ѓаволи“ имаат победено на 70 отсто, од дуелите на кои судија бил Тејлор.

 

 

- Оглас -

Најнови вести