Дербито на старите ривали е битка за опстанок

Во 25-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија, посебно внимание с еобрнува на дербито меѓу старите ривали Пелитес и Вардар, кое во 15 часот се игра во Битола на „Тумбе кафе“ стадионот. Двете екипи водат битка за опстанок, па затоа императив им е освојување на трите бода кои секако се послатки кога се работи за совладување на стар ривал.

Вардар уште не знае за триумф во 2021 година, а по дебаклот од Шкендија со 1-6 во Скопје, тимот на Никола Илиевски – Џиџи, мора да го пронајде рецептот за победа. Сепак, прашање е дали ќе успее токму против Пелистер да разбие кризниот период, во кој претрпе четири порази, а ремизираше само во два наврати.

Пелистер во вториот дел од сезоната загуби само од Шкендија, а освои вкупно 11 бода преку три победи и две ремија. Тој учинок го одведе битолскиот тим до осмото место со 29 бода токму пред Вардар, кој има два бода помалку.

Пролетниот дел од сезоната беше отворен со реми од 2-2 на ривалите на Националната арена во Скопје, па по нешто повеќе од еден месец Пелистер и Вардар повторно се среќаваат за да ги одмерат силите. Вардар нема победено во Битола од септември 2017 година, додека Пелистер речиси една деценија чека на домашен триумф против актуелниот македонски шампион.

Во терминот од 15 часот се играат уште четири дуели од 25-тото коло, тоа се Работнички – Борец, Шкендија – Силекс, Шкупи – Ренова и Струга ТЛ – Беласица.

- Оглас -

Најнови вести