Залудно некои имаат поголеми стадиони, Борусија е најгледан тим во Европа

Борусија Дортмунд е најгледаниот фудбалски клуб во Европа сезонава, ако се смета просекот на посета на домашните натпревари.  Мечевите на „Сигнал Идуна парк“ сезонава ги гледале во просек речиси по 81 000 фанови на „жолто-црните“.

На подиумот, покрај Борусија, се наоѓаат уште Барселона и Баерн со по 75 000 гледачи по натпревар на нивните стадиони. Веднаш зад нив следува Манчестер јунајтед со 74 илјади.

Во Италија, со години најгледан тим е Интер, така беше и сезонава со просек од 58 000, но ако не се смета мечот со Сасуоло, кој се играше без публика, просекот е 61 000. Ист ваков просек имаат и Реал Мадрид и Шалке 04.

Арсенал има 60 000 публика во просек, а можеби изненадувачки, трети тим во Премиер лигата зад Јунајтед и Арсенал е Вест хем со 58 илјади. Средбите на Вест хем се попосетени од тие на Тотенхем, Манчестер сити и Ливерпул, кои се движеа од 53 до 54 000. Добри се и Атлетико Мадрид со 56 000, Милан со 55 000 и Ајакс со 53 000.

Листата на клубови со просек од над 50 000 завршува со Ајакс. Блиску е ПСЖ со 47 000, Челзи со 40 и Јувентус со 39 000. Но, овие 39 илјади на Јуве се дури 95 проценти од капацитетот на нивниот стадион. Посетата на фудбалските мечеви во Италија е само 54 проценти од капацитетот на стадионите, а Јувентус е исклучок.

Во Германија и Англија стадионите се исполнети во просек од 93 до 95 проценти.

 

- Оглас -

Најнови вести