Претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, упати јавен апел до ФИФА барајќи гаранции дека иранската делегација нема да биде изложена на навреди за време на Светското првенство во САД.
Во изјава за иранската новинска агенција, Таџ нагласи дека учеството на Иран на Мундијалот зависи од претстојниот состанок со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, на кој ќе побара јасни гаранции од организацијата и домаќинот за целосно почитување на нивната делегација.
„За да учествуваме на првенството, бараме гаранции од ФИФА дека нема да се повторат инциденти од минатото“, изјави Таџ.
Тој додаде дека Иран нема проблем со самото учество, но инсистира на достоинствен третман, особено без навреди кон државни и воени институции, алудирајќи на Револуционерната гарда, која во САД има статус на забранета организација.
„Наш домаќин е ФИФА, а не американскиот претседател. Ако дојде до било какви навреди, ќе реагираме и можно е дури и да се повлечеме од натпреварувањето“, порача првиот човек на иранскиот фудбал.
Дополнително, медиумите потсетуваат дека Таџ бил висок функционер во Револуционерната гарда пред да застане на чело на федерацијата, а неговото патување во Канада неодамна заврши контроверзно, со информации за депортација поради неговите врски со воената структура, тврдење кое не е официјално едногласно потврдено.
Од американска страна, државниот секретар Марко Рубио порача дека нема пречки за настапот на иранската репрезентација, но дека дел од техничкиот персонал може да се соочи со ограничувања при влез.
Иран ќе настапи во групата Г, заедно со Нов Зеланд, Белгија и Египет, во група која ветува силна конкуренција и дополнителна тензија околу нивниот настап надвор од теренот.

