Џабе патуваа до Фарски Острови – Слован Братислава има заразен со ковид-19, мечот со Клаксвик е одложен

Вистински калабалак ѝ се случи на фудбалската експедиција на Слован Братислава, екипа што денеска нема да игра во првото квалификациско коло во Лигата на шампионите, иако допатува во Фарски Острови на мегдан со Клаксвик.

Пред патот на далечниот Север на Европа, сите играчи и членови на експедицијата на словачкиот првак се тестираа на ковид-19 и репрезентативецот Владимир Вајс јуниор имаше позитивен тест. Го оставија дома, па тргнаа на пат за Фарски Острови, каде што имаа уште една тура тестови и за нив испадна лошо.

Физиотерапевтот на тимот има позитивен тест, па власта на Фарски Острови забрани да се игра мечот закажан за вечерва од 20 часот. УЕФА се согласи, па Словаците ќе мора да одат во карантин 14 дена или веднаш да се вратат со чартер-летот назад во својата земја.

И потоа следува уште поголем хаос и чудна одлука на УЕФА дека мечот мора да се одигра до петок. Тоа значи дека Слован би морал да игра со друг тим, а единствена опција им е да го испратат младинскиот состав со нов чартер-лет до Фарски Острови.

Претходно и два косовски тима, Дрита, чиј тренер е нашиот познат поранешен фудбалер Адријан Нухии, и Приштина беа елиминирани во претквалификациите за ЛШ и ЛЕ поради заразени фудбалери со ковид-19.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести