Џејлен Браун го водеше Бостон до триумф, Далас е немоќен без Лука Дончиќ

Минесота покажа заби, но победата во режија на Џејлен Браун сепак остана кај шампионот Бостон селтикс (107-105). Браун погоди пет тројки по ред во своите први пет шута, заврши со 29 поени, а на крајот одбраната на Селтикс го задржа триумфот.


Последниот напад беше за Минесота, но добро беше затворен Едвардс, а топката стигна до Наз Рид, кој не успеа ниту да шутира за победа. Едвардс заврши со 28 поени и девет скокови, но тоа не помогна неговиот тим да го избегне петтиот пораз во седум натпревари.

Индијана пејсерс во последната четвртина го скрши отпорот на слабиот Вашингтон, кој со ефект (2-13) е најлош во лигата. Сијакам постигна 22 поени, Халибартон уфрли 21 поен со девет асистенции, а одбраната одлично одработи кога беше најважно. Тимот од престолнината постигна само 16 поени во последниот период.

ЛА клиперс лесно поминаа низ Филаделфија. Сиксерс се на 3-13, повторно без Ембид и без Џорџ. Навивачите го исвиркаа Харден при секој контакт со топката, откако пред две сезони побара размена, но тоа не ги спречи гостите во намерата да победат.

Клиперс шутираа со речиси 60% успешност, водеа со повеќе од триесет поени. „Брадата“ постигна 23 поени и осум асистенции, а Зубац придонесе со 16 поени и 12 скокови.

Мајами го совлада Далас по продолжение, а Лука Дончиќ пропушти уште еден натпревар. Батлер го одигра најдобриот натпревар во сезоната со 33 поени, Адебајо и Хероу забележаа дабл-дабл.

Кајри Ирвинг постигна 14 од своите 27 поени во последната четвртина, но не беше фактор во продолжението. За Далас, ова е прв пораз во последните пет натпревари.

Кливленд е на 17-1, совладувајќи го Торонто со 122-108. Донован Мичел и Тај Џером поделија 52 поени рамномерно во победата против Торонто. Канадскиот тим немаше решение за Џарет Ален, кој покрај 23 поени имаше и 13 скокови. До дабл-дабл стигна и Мобли со 14 поени и 11 скокови.

Резултати: Мајами – Далас 123-118 (пр.), Филаделфија – ЛА Клиперс 99-125, Кливленд – Торонто 122-108, Сакраменто – Бруклин 103-108, Бостон – Минесота 107-105, Индијана – Вашингтон 115:103.

- Оглас -

Најнови вести