Џенова е голем клуб, направи невиден џентлменски гест

Фудбалскиот клуб Џенова направи нешто што ќе биде еден од сериозните кандидати за фер плеј и џентлменски потег на годината. Клубот преку својот профил „Твитер“ јавно му честиташе на Фабио Кваљарела за изедначувањето на рекордот од 11 меча по ред со дадени голови во Серија А. Ветеранот Кваљарела е играч на Сампдорија, најлутиот и градски ривал на Џенова.

„Горди сме како џеновјани што во нашиот град имаме силен ривал како тебе. Ти честитаме Фабио“ – порачаа од Џенова.

Кваљарела на последните 11 средби на Сампдорија во Серија дава барем по еден гол, со што се изедначи со Габриел Батистута од 1994 година на првото место на вечната листа, но подвигот на Кваљарела можеби е поголем, ако се знае дека човекот за некој ден ќе наполни 36 години.

Следниот меч на Самп е на гости против некогашниот клуб на Кваљарела, Наполи, на 2 февруари, и ако даде гол, тогаш 36-годишниот Фабио ќе го надмине и легендарниот „Бати-гол“, па сам ќе биде на врвот со најдолга голгетерска серија во историјата на италијанскиот фудбал.

- Оглас -

Најнови вести