Џерард: Ливерпул со освоената титула ми помогна да „закопам“ некои демони

Ливерпул вечерва конечно ќе го крене премиерлигашкиот трофеј, но на крунисувањето нема да присуствуваат навивачите и клупските легенди кои чекаа цели три децении за да биде церемонијата спектакуларна.

Една од тие легенди кои со нетрпение го чекаа овој момент е Стивен Џерард, долгогодишниот капитен на Црвените кој цела кариерата ја мина на „Енфилд“ во обидот да го освои единствениот пехар кој му недостасува во колекцијата. Иако не успеа во таа мисија, популарниот Стиви истакна дека овој успех на тимот на Клоп му помогна да заборави некои лоши спомени, или како што кажа тој, да ги закопа демоните кои го гонат.

„Прво и основно, ова освојување на титулата добро влијаеше на мене бидејќи ми помогна да закопам некои демони кои ме гонеа. Не сите, очигледно уште ме боли неуспехот од 2014 година, но конечно почувствував како да ми падна камен од срце. Не е лесно да се биде фан и воедно ексиграч на Ливерпул и да чекаш толку долго време за титула, со дел од играчите кои сега се во тимот ја делевме болката кога ја испуштивме последната шанса да бидеме шампиони“, истакна предводникот на Глазгов ренџерс.

Дербито Ливерпул – Челзи е закажано во 21:15 часот, а потоа следува церемонијата, односно доделувањето на пехарот од Премиер лигата, кој ќе биде 19-ти за Ливерпул во клупската историја.

- Оглас -

Најнови вести