Џордан ги омаловажувал и ги напаѓал сите свои соиграчи, освен еден

Величината на Мајкл Џордан не може да се оспорува, ниту пак сето она што го направи за кошарката на глобално ниво, како и за НБА-лигата, меѓутоа документарната серија „Последниот танц“ ја покажа и неговата темна страна. Летечкиот често ги предизвикувал соиграчите, ги омаловажувал и ги напаѓал со една цел, да ја пробуди борбеноста кај нив и желбата за победа, меѓутоа на еден соиграч не смеел да му „писне“.

Тоа е Роберт Периш, кој за Чикаго играше во сезоната 1996/97 како ветеран на 43 години. Искусниот центар тогаш пристигнал како помош за екипата на Фил Џексон во обидот да го освојат петтиот шампионски прстен и веднаш му дал дознаење на Џордан дека со него нема да може да се однесува како со останатите. Периш од претходно веќе имал освоено три титули со Бостон селтикс, па затоа заслужувал повеќе почит од Џордан, тогаш најдобриот кошаркар во лигата.

„Му кажав дека јас не сум заљубен во него како останатите играчи. Веќе имав освоено прстен и немаше потреба тој да ми кажува што да правам. Еднаш ми се обрати со „ќе те претепам“, а јас му се приближив и му одговорив: „не, нема да ме претепаш“. Од тој момент повеќе не се задеваше со мене“, се присети Периш.

Периш кариерата ја започна во Голден стејт во 1976 година, со Бостон оствари најмногу успех освојувајќи три титули, а деветпати се појави на Олстар-викендот.

- Оглас -

Најнови вести