Џордан ги продава патиките со кои играше кога скрши табла и настапи на олимписко финале

Славниот, можеби и најдобар кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан, на продажба стави 11 пара од своите патики, меѓу кои и оние со кои настапи во финалето на Олимписките игри во Барселона во 1992 година и овие со кои играше на егзибициски меч во 1985 година, кога имаше монструозно забивање во Италија и ја скрши таблата. Со тие патики се продава и делче стакло од скршената табла кое остана во левата патика на Џордан.

За патиките „Ер Џордан1 хај“ со стаклото и потпис од легендата се предвидува дека може да достигнат цена од 650.000 до неверојатни 850.000 долари, што би било светски рекорд. Актуелниот рекорд е 560 илјади долари.

Колекционерите многу се интересираат и на аукцијата ќе се наддава до вртоглави суми. Освен патиките со стаклото, за над половина милион долари би требало да се продадат и патиките кои Џордан ги носеше во својата прва сезона во НБА во 1984 година.

Ќе се продаваат и патиките со кои Џордан како член на Дримтимот играше во финалето против Хрватска на ОИ во Барселона пред 28 години. Тие се проценува дека ќе се продадат помеѓу 50.000 и 70.000 долари, што е смешна сума во однос на другите. За сите 11 пара би требало да се соберат околу 2 милиони долари.

- Оглас -

Најнови вести