Димитриевски ќе направи сефте во 2022 година, Рајо Валјекано игра историски меч

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, вечерва од 20 часот за првпат во 2022 година ќе брани за Рајо Валјекано, во меч што е историски за клубот од Мадрид.

Рајо ѝ е домаќин на Мајорка во нокаут-мечот од четвртфиналето во шпанскиот куп и ако победи по вторпат во клупската историја, ќе биде меѓу четирите најдобри екипи во Копа дел реј.

Никогаш не го освоиле пехарот, а претходниот и досега единствен пат кога играле полуфинале испаднаа во двомеч од Спортинг Хихон во сезоната 1981/82.

Сега со Димитриевски на голот имаат шанса да ја репризираат историјата по цели 30 години, а се надеваат и на подвиг и на финале, секако ако вечерва од 20 часот бидат поуспешни од Мајорка.

Димитриевски бараше начин да го напушти клубов во овој преоден рок, па најпрво имаше информација дека Барселона е заинтересирана за голманот на Македонија, а потоа имаше и понуда од Ал-Наср од Саудиска Арабија.

Сепак, остана во Рајо Валјекано и вечерва за првпат ќе биде во стартниот состав во новата година.

 

- Оглас -

Најнови вести