Динамо Загреб го прегрме најтешкиот меч сезонава во НХЛ и со победа од 3:0 против Осиек стаса на еден чекор до нова титула.
Особено добро изгледа сценариото за македонскиот репрезентативец Аријан Адеми кој може да ја прослави титулата во родниот град Шибеник.
Капитенот на Динамо и неговите соиграчи ќе му гостуваат на Шибеник идниот викенд во меч од претпоследното коло и со триумф ќе бидат недостижни за вечниот ривал Хајдук.
Популарните Модри од Загреб на две кола до крајот на првенството во Хрватска имаат 73 бода, четири повеќе од Хајдук, кој им е единствен ривал за титулата.
Ако не успеат да ја обезбедат титулата во Шибеник, Адеми и соиграчите ќе имаат уште една меч-топка во вечното дерби против Хајдук на „Максимир“ во последното коло на 21. мај.
Вечерва во победата против Осиек, Адеми играше до 84. минута, а Стефан Ристовски го одигра целиот меч.