Динамо ја доби пенал драмата против Клуж, некогашниот европски првак елиминиран дома

Хрватскиот првак Динамо Загреб го преживеа првиот меч од квалификациите во Лигата на шампиони откако дури по подоброто изведување на пеналите, го елиминира Клуж во Романија. Модрите на двапати имаа предност во регуларниот дел, но домаќините не се предадоа. Погодокот за 2:2 Клуж го даде во 90+2 минута и се избори за дополнителни 30 минути.

Динамо од 51-вата минута беше со играч помалку по исклучувањето на дефанзивецот Кевин Тофил, но и со 10-темина издржа 120 минути. Во пенал-рулетот се случуваше голема драма.

По првите четири пенали, играчите на двата тима беа ефикасни. Во петата серија, Гојак утна за Динамо и Клуж имаше шанса за победа, но Голофка не го погоди пеналот кој им носеше место во следната фаза. Во шестата серија двата тима беа прецизни, а потоа следуваше погодок за Динамо, додека шутот од пеналот на Боли, заврши високо над голот и Клуж беше елиминиран на свој терен.

Сите 120 минути за Динамо ги одигра македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој беше прецизен и во пенал-рулетот. Тој погоди во третата серија.

Некогашниот европски првак Селтик е елиминиран на свој терен од Ференцварош. Шкотскиот првак беше фаворит, но гостите поведоа уште во седмата минута. Селтик израмни во 53-тата минута, но гостите од Унгарија не само што не се уплашија туку и повторно погодија за 2:1, што на крајот се покажа како конечен резултат.

По продолженија од 30 минути, на свој терен беше елиминирана и Легија, кога со 0:2 загуби од кипарската Омонија.

- Оглас -

Најнови вести