Дивац: Џордан да играше сега, ќе даваше по 80 поени на секој меч

Славниот српски кошаркар Владе Дивац, кој играше во ерата на Мајкл Џордан, ја објасни разликата што ја има во НБА-лигата од пред 30-тина години и сега. Според Дивац, воопшто не може да се прави споредба за тоа кој е најдобар на сите времиња и неверојатно е како некој може да помисли дека Леброн Џејмс бил подобар од Џордан.

„Еве, едноставно да објаснам. Да го имате Џордан во денешната НБА по овие правила кои се сега, тој ќе има просек по 80 поени на меч. Па самите направете споредба кој е најдобар. Правилата се променија. Нема веќе физички контакт, груба игра и нема фокусирана одбрана. Се игра за публика, што е добро, да се постигне кош повеќе, но мислам дека се загуби конкурентноста. Неблагодарно е да се спореди една генерација со друга. Сега се сосема други условите“, објасни Дивац.

Дивац во НБА влезе во 1989 година во тимот на Лос Анџелес лејкерс, каде што играше до 1996 година. Потоа две сезони го носеше дресот на Шарлот хорнетс, а од 1998 година до 2004 година беше дел од тимот на Сакраменто кингс. Дивац даде свое мислење и за тоа кои се најдобрите европски кошаркари кои заиграле во НБА-лигата.

„На врвот сигурно се Дражен Петровиќ и Арвидас Сабонис, но тука можам да го додадам и мојот соиграч Пеџа Стојаковиќ, кој добиваше мало внимание. Кога ќе видите во кое време играше тој и беше дел од Олстар-тимот, а победуваше и во шутирање за три поени, сигурно ги има сите квалитети да биде веднаш зад Петровиќ и Сабонис“, додаде Дивац.

 

- Оглас -

Најнови вести