Доделени наградите „13 Ноември“

По повод денот на ослободувањето на Град Скопје, 13 ноември, Сојузот на спортови Скопје денеска ги додели наградите „13 Ноември“ по предлог на Комисијата за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот.

Наградата за спортист му се додели на Дејан Георгиевски, кој е дел од Теквондо клубот Бутел Скопје. Дејан освои второ место во теквондо на Олимписките игри во Токио. Покрај Дејан, награда „13 Ноември“ – спортист, во областа на планинарството ѝ се додели и на Илина Арсова, која оваа година во Еквадор се искачи на пет врвови со над 5.000 метри надморска височина, а даде и голем придонес во развојот на спортот.

Наградата за тренер ја освои Борче Костовски, кој е тренер на теквондистот Георгиевски. Беа наградени и спортскиот новинар Бранко Казаковски од телевизија Телма, долгогодишната спортска работничка во тенискиот спорт Билјана Димовска, награда за животно дело добија Насе Насев (најтрофеен тренер во борење), Седадин Али – Сетко (професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија) и на планинарот и планинарски водич Љубомир Котевски.

Наградата „13 Ноември“ за општествено-спортски работници им се додели на Горанчо Петровски, кој е началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје и повеќе од 10 години успешно ја реализира сообраќајната логистичка поставеност на маратонот и на сите останати трки и настани, со што обезбедува висока безбедност при нивно одржување, како и на Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, за успешен настап на нашите олимпијци на последните Олимписки игри во Токио.

- Оглас -

Најнови вести