Дојде денот Д за иднината на Меси: Што ќе понуди Барса, а што бара Аргентинецот?

Цели 19 години поминаа откако малиот по раст тинејџер од Аргентина пристигна во Барселона, но реши да биде упорен и да го докаже својот квалитет. Сега, речиси по две децении како е дел од каталонскиот гигант, Меси најави дека сака да си оди од „Камп ноу“.

Со 33 освоени трофеи во шест различни натпреварувања, рекордер по бројот на голови не само во Барселона туку и во историјата на шпанското првенство и уште многу други неверојатни постигнувања најави дека е дојден крајот. Со заминувањето на Лео, нема да загуби само Барселона туку и целата шпанска лига.

Додека Меси инсистира да си замине, челниците на Барселона сакаат тој да остане. Затоа, за денеска е закажан состанок на кој првите луѓе на Барселона ќе се состанат со таткото на Лео Меси и треба да постигнат договор поволен за двете страни.

За да бидат двете страни задоволни, ќе биде речиси невозможно. Меси бара да си замине како слободен играч, а Барселона тврди дека секој клуб кој сака да го купи Аргентинецот, ќе мора да плати 700 милиони евра, колку што му е откупната клаузула во договорот.

Од Барселона се подготвени денеска да му понудат нов договор на Меси до 2022 година, односно до почетокот на Мундијалот во Катар. Аргентинецот не сака да слушне за такво нешто и воопшто не се појавува на тренинзите на каталонскиот гигант.

Манчестер сити и уште неколку други европски клубови со нетрпение го чекаат исходот од денешниот состанок на кој треба да се реши иднината на Лионел Меси.

- Оглас -

Најнови вести