Докажани како добитен тандем за да ве насмеат, а веруваат дека составија и добитно ливче

Хуманитарната акција на Sport Life да се состави добротворен тикет стигна и до Театар Комедија, а таму нѐ пречекаа секогаш расположените Атанас Атанасовски и Тино Костадиновски. Двајцата актери кои се докажани како тандем што може секого да насмее и да го расположи, без многу размислување ја прифатија понудата да се обидат да направат добитен добротворен тикет.

Атанас и Тино открија дека не само во театарот, туку и во обложувањето биле добар тандем. Најмногу ја следат НБА-лигата, сакаат кошарка, но секако и фудбалот е на нивното мени за обложување. Атанасовски е навивач на Милан, а Костадиновски е фан на Јувентус.

ДОБИВКА ОД 18.000 ДЕНАРИ НА НБА-МЕЧЕВИ

„Не уплаќаме често, но кога ќе направиме тикет, тој знае да биде и добитен. На НБА-натпревари имаме добиено 18.000 денари и тоа е една од поголемите наши добивки. Најважно е дека од играње во обложувалница не сме во минус“, велат актерите, а Атанас низ смеа додава: „Има еден стар кладилничарски муабет, кога ќе напишам тикет, а нема да го уплатам, речиси секогаш е добитен“.

Како и секогаш, во Театар Комедија има голема понуда на интересни театарски престави, а Атанас и Тино моментно ја подготвуваат новата претстава под работен наслов „Идиоти“, во режија на Синиша Евтимов.

„Во моментов подготвуваме нова претстава која треба да ја има премиерата на 27 март. Тоа е датумот кога се слави Светскиот ден на театарот. Претставата се вика ‘Идиоти’ и е во режија на Синиша Евтимов“, откриваат актерите.

Ако се знае дека Атанас и Тино во комбинација со режисерот Евтимов создадоа одлична престава од „Чао, пријатно“, може слободно да очекуваме дека од 27 март ќе има нова одлична престава во Театар Комедија.

ФАВОРИТИТЕ СЕ НА МЕНИТО ЗА ДОБИВКА

Што се однесува до добротворниот тикет, решија заеднички да одберат шест меча за кои веруваат дека ги одбраа вистинските прогнози. Атанас вели дека негово правило е да не игра на неговиот омилен тим Милан, но никако не можеше да одолее да не прогнозира во големото дерби против градскиот ривал Интер.

„Иако сезонава Интер е подобро пласиран, со доаѓањето на Ибрахимовиќ, Милан треба да заигра подобро. Дерби-дуелите секогаш се непредвидливи, но бидејќи во двата тима има исклучително добри напаѓачи, очекувам да има погодоци“, анализира Атанас, а Тино на тоа додаде: „Нема врска кој е подобар во сезоната. Лејкерс е подобар од Бостон сезонава, но на последниот нивен меѓусебен дуел, Бостон ги растури со 30 разлика“, па двајцата се согласија да одиграат на голови.

Од германското првенство тука е „кецот“ на Баерн во дербито против Лајпциг, а очекуваат и Борусија да слави на гости кај Баер во Леверкузен, посебно затоа што Милионерите имаат одлични играчи, како што се Халанд и Санчо. Сигурни треба да бидат победите на Јувентус и на ПСВ, а Барселона да даде барем два гола на гости кај Бетис.

ЕВЕНТУАЛНАТА ДОБИВКА ЌЕ БИДЕ ЗА НИВНИОТ НАЈГОЛЕМ ФАН АНГЕЛА, КОЈА БОЛЕДУВА ОД ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА

Доколку тикетот биде добитен, Атанас и Тино се сложни за тоа каде треба да одат парите.

„Евентуалната добивка ќе ја донираме за Ангела Петреска. Тоа е девојче кое боледува од церебрална парализа, а е еден од нашите најголеми фанови и поддржувачи. Многу нѐ сака, а и ние нејзе ја сакаме. Иако живее во Прилеп, доаѓа на нашите претстави. Знаеме дека ѝ се потребни средства за операција, но и за постојаните третмани кои ги прави и доколку ливчето е добитно, парите ќе одат за Ангела“, завршија Атанас и Тино во исчекување на добротворниот тикет викендов во Sport Life.

 

- Оглас -

Најнови вести