Докторот на Њукасл забрани ракување, во Швајцарија ќе нема фудбал викендов

Фудбалерите на Њукасл, како и стручниот штаб ќе го прескокнат традиционалното ракување пред секој тренинг по препорака на клупскиот доктор. Ништо не се остава на случајноста и се преземаат сите мерки за спречување на ширење на Коронавирусот, кој изминативе денови го зафати и Стариот Континент.

„Ракување секое утре пред тренинг е долга традиција на клубот, но мора да го слушаме нашиот феноменален доктор. Сите сме пред ТВ-екраните и ги чекаме сите нови информации околу вирусот за да дознаеме каде следно ќе се прошири. Се надеваме дека состојбата нема да се влоши во Англија“, истакна тренерот Стив Брус.

Напоредно, Швајцарската фудбалска асоцијација ги одложи претстојните кола во Првата и Втората лига откако собранието донесе забрана за собири, односно настани каде што би присуствувале повеќе од 1000 лица. Ваквите мерки се преземаат за да не се шири смртоносниот вирус, кој покрај во Азија, почна да се шири низ Европа и веќе одзеде неколку животи, поголем дел во Италија.

Наскоро ќе дознаеме дали и во Македонија ќе се одложат спортските настани за претстојниот викенд.

- Оглас -

Најнови вести