Докузовски: Притисокот беше на страната на МЗТ, заслужено победивме

Тренерот на Работнички, Марин Докузовски, по дербито против МЗТ кое неговиот тим го доби со 90:88, истакна дека Работнички заслужено победи во „Јане Сандански“, и покрај кратката клупа која ја имаше на располагање вечерва.

„Сметам дека притисокот беше на страната на МЗТ, ние игравме порелаксирано. Ја сменивме тактиката во одбраната иако дадоа многу кошеви, но, мислам дека од психичка гледна точка не се снајдоа најдобро. Ние игравме одлично во нападот, иако имавме проблеми со ротацијата, претходниве денови недостасуваат доста играчи на тренинзите, па трениравме само со осум играчи. Сепак, ако се земе се во предвид, ние цело време водевме и сметам дека заслужено победивме. Јанески имаше 6/6 за три поени, но промашивме други отворени шутеви, сепак, не е лесно да се постигнат 90 поени против МЗТ“, истакна Докузовски.

Докузовски имаше и пофални зборови за фановите на двете екипи, кои целото дерби го проследија со коректно навивање, а вели дека само МЗТ и Работнички можат да приредат убава атмосфера.

„Победата значи бидејќи е дерби. Само МЗТ и Работнички можат да направат убава атмосфера. Каде и да се игра кошарка во Македонија, нема да биде вака како што беше. Мило ми е и што двете навивачки групи се однесуваа коректно и што помина без инциденти“, додаде предводникот на тимот од „Градски парк“.

- Оглас -

Најнови вести