Дончиќ ја доби епската балканска драма против Јокиќ, шампионот е катастрофа дома (видео)

Лука Дончиќ блесна во драматичната победа на Далас маверикс против Денвер нагетс со 124:117 по едно продолжение.

Словенечката сензација диригираше на паркетот со 38 поени, 13 асистенции и 9 скока, па иако остана без трипл-дабл учинок за еден скок, Дончиќ во клучните моменти ладнокрвно ги реши Нагетси.

Во директен дуел против расположениот Никола Јокиќ (38 поени, 11 скока), ѕвездата на Далас правеше сè што е во негова моќ за да се запише четвратата победа сезонава. Денвер во поголемиот дел од средбата имаше контрола врз резултатот и двоцифрена предност во неколку наврати, која гостите лесно ја стопија во последниот период.

Клебер погоди клучна тројка по асистенција на Дончиќ на 2,3 секунди до крајот за водство од 109:107, но тоа беше доволно за Јокиќ да се обиде да израмни и да изнуди продолженија, што му успеа. Сепак, Нагетси во дополнителните пет минути реализираа само осум поени, а Дончиќ со шутот од полудистанца и двете слободни фрлања ја реши драмата.

Шампионот ЛА лејкерс продолжи со лошиот учинок на домашен терен и од Сан Антонио го претрпе третиот пораз во „Стејплс центарот“ во новата сезона. Спарси славеа со 118:109, пред сè благодарение на Ламаркус Олдриџ и неговите 28 поени.

Езерџиите од самиот почеток на средбата мораа да бркаат двоцифрена негатива откако Сан Антонио имаше +15 поени разлика уште во првиот период. Дури пред крајот на третата четвртина, Лејкерси стигнаа до нерешени 89:89, но наместо пресврт, следуваше нова серија по која актуелниот првак не можеше да се врати.

Џејмс (27 поени, 12 асистенции) и Дејвис (23 поени, 10 скока) комбинираа 50 поени, но тоа не беше доволно да се одбрани домашниот терен.

Останати резултати НБА:

Сакраменто 128:124 Чикаго, Бруклин 122:109 Филаделфија, Мемфис 90:94 Кливленд, Портланд 135:117 Минесота.

- Оглас -

Најнови вести