Еден од најдобрите кошаркари во светот, Лука Дончиќ, објави дека нема да игра за репрезентацијата на Словенија оваа година.
Дончиќ е надвор од терените во последните неколку недели поради повреда, но тоа не е причината зошто Словенија ќе мора да игра без него во 2026 година. Како што објави во својата приказна на „Инстаграм“, тој одлучил да го направи овој потег за да им се посвети на своите ќерки Габриела и Оливија по бурното раскинување со неговата свршеница Анамарија Голтес.
„Ги сакам моите ќерки повеќе од сè и тие секогаш ќе ми бидат на прво место во животот. Иако сега продолжувам да работам на заедничко старателство над моите ќерки, бев принуден да донесам тешка одлука помеѓу патување и играње за словенечката репрезентација и поминување на ова лето со нив. Дадов сè од себе претставувајќи ја Словенија и разочаран сум што нема да можам да играм за мојата земја ова лето. Но, во моментов моите ќерки и моите одговорности како татко се мој приоритет“, објасни Дончиќ својата одлука.
Ова ќе биде првпат во кариерата на Лука да пропушти репрезентативно лето кога има можност да игра. Летово Словенија игра квалификации за Светското првенство во кошарка во 2027 година. Во јули, Словенија ќе има натпревари со Естонија и Шведска, а добрата вест за Словенците е што имаат скор од 3-1 и се многу блиску до квалификации за Светското првенство дури и без Дончиќ.

