Не сопираат реакциите по одлуката да биде поништен голот на Вест хем во дуелот против Арсенал во 90+4 минута. Арсенал победи минимално со 1:0, а на Чеканите им беше поништен погодок во последните моменти од мечот, и тоа по реакција од ВАР-собата.
Првично главниот судија го призна голот за 1:1, но откако доби сигнал од ВАР-собата, мораше да гледа повторена снимка. По детален преглед на спорната ситуација, судијата реши да го поништи голот на Вест хем, тимот кој се бори за опстанок во елитното друштво.
Многумина сметаат дека Арсенал бил фаворизиран во некои моменти како што беше на дуелот против Вест хем. Доколку сезонава не постоеше ВАР-системот, повторно ќе беше неизвесна трката за шампионската титула меѓу Арсенал и Манчестер сити, но со таа разлика дека Граѓаните ќе беа тие кои сами ќе решаваа за титулата.
Ако не постоеше ВАР-системот, Арсенал од 36 меча ќе имаше 74 бода, додека Манчестер сити ќе имаше 73 бода, но од 35 дуели. Трет ќе беше Манчестер јунајтед со 65 бода, а интересно е дека Брајтон, Борнмут и Астон вила би имале по 60 бодови, додека за Ливерпул ќе било резервирано дури седмото место со 59 бода.
Вест хем, кој негодува дека бил оштетен од ВАР-системот на дуелот против Арсенал, сезонава и да не постоеше ВАР-системот ќе беше на 18-тото место во зоната за испаѓање.


