Ракометниот клуб Вардар ја продолжи соработката со тренерот на голманите, Марио Келентриќ, кој и во наредните две сезони ќе остане дел од стручниот штаб на Црвено-црните. Келентриќ со новиот договор ќе работи во клубот до јуни 2028 година.
Келентриќ пристигна во Вардар лани во јуни, откако претходно работеше во Германија.
Тој беше дел од „златната генерација на Хрватска“ која го освои светското злато во 2003 година во Португалија и среброто на Олимписките игри во Атина 2004. Бранел за Загреб, Целје, Метковиќ, Тусем Есен и Мелсунген, а како тренер работел во Гумерсбах, каде што четири години бил задолжен за сите категории на голмани во клубот. Исто така работел и со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, како и во ППД Загреб и во Слога Добој.
Одлуката за продолжување на соработката доаѓа по сезона во која Вардар се врати на трофејните патеки на домашната сцена и повторно ја освои двојната круна во Македонија. Голманите на Вардар на многу натпревари беа еден од клучните фактори за добрите резултати, а за нивната форма се грижи Келентриќ. Вардар имаше и значаен европски настап, стигна до Топ-8 фазата во Лигата на Европа.

