Дончиќ прави чуда кои се видени само од Чемберлен и вели: Понекогаш и јас самиот не знам како го правам тоа (Видео)

Лука Дончиќ и во осмиот меч сезонава ја надмина границата од 30 поени во НБА лигата. Неговиот Далас минимално со 111:110 славеше над Торонто, а Словенецот беше стрелец на 35 поени. Со овој скор, Дончиќ стана првиот кошаркар по легендарниот Вилт Чемберлејн (1959 и 1962 година), кој успеал на стартот од сезоната, во првите осум средби да ја надмине границата од 30 поени.

Во овој блескав настап, Дончиќ имаше два моменти за кои и самиот се чуди како успеал да ги направи. Првиот е дриблингот по удвојувањето и асистенцијата, а вториот е повторно неверојатен дриблинг и погоден шут од тешка позиција.

„Топката низ нозе ја протна некои осум пати? Само тој го може тоа. Неговите потези изненадуваат многумина, а мислам дека и самиот себе се изненади“, рече тренерот на Далас, Џејсон Кид.

„Да понекогаш и самиот се изненадувам. Не знам како го направив тоа. Беше тежок шут. Сите зборуваат за тоа“, рече Дончиќ кој сега има просек од 36 поени по меч сезонава.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска постигнати се следниве резултати: Детроит – Кливленд 88:112, Индијана – Мајами 101:99, Филаделфија – Њујорк 104:106, Вашингтон – Бруклин 86:128, Бостон – Чикаго 123:119, Мемфис – Шарлот 130:99, Сан Антонио – ЛА Клиперс 106:113, Њу Орлеанс – Голден Стејт 114:105, Минесота – Милвоки 102:115, Феникс – Портланд 106:108, ЛА лејкерс – Јута 116:130.

- Оглас -

Најнови вести