Драма и хаос во Сплит: Хајдук прими гол со „ножички“, па беше елиминиран во 90+6 минута, а навивачите втрчаа на теренот да се тепаат (Видео)

Дека навистина нема слаби екипи, вечерва најдобро почувствува Хајдук. Хрватскиот тим имаше предност од 2:0 по првата средба на гости и требаше само рутински да ја заврши работата пред своите навивачи. Сепак, гостите од Малта покажаа дека чуда секогаш се возможни.

Екипата на Гзире јунајтед победи со 3:1 на „Пољуд“ и со вкупни 3:3, а поради повеќе погодоци на гости, оди во следната фаза.

Речиси никој не веруваше во шокантна елиминација, посебно по водството на Хајдук на полувреме од 1:0, што значеше вкупна предност од 3:0 (земени и двата гола од првата средба). Сепак, во второто полувреме се случи чудо. Најпрво Џеферсон израми на 1:1 во 57-мата минута, а потоа следуваше евроголот на Коне со „ножички“ во 69-тата минута.

Малтежаните не се предадоа и продолжија да напаѓаат. Судијата покажа шест минути продолжение, а на неколку секунди пред истекот на последната минута, следуваше финалниот шок за Хајдук. Коне со својот втор гол донесе победа од 3:1 и елиминација на Хајдук.

Со овој неверојатен резултат никако не можеа да се помират најверните навивачи на Хајдук. По завршување на дуелот, околу 50 фанови втрчаа на теренот, а мешаница имаше и во ложата на стадионот. На крајот, за среќа, немаше поголем инцидент.

- Оглас -

Најнови вести