ДРАМА НАД ДРАМИТЕ: Стативи, топка на гол-линија, голманите промашуваа и три пропуштени меч-топки за на крајот Милан да се радува (Видео)

Среќата дефинитивно беше на страната на Милан синоќа на гостувањето во Португалија кај Рио Аве. Во меч кој решаваше за патникот во групната фаза од Лигата на Европа, Милан поведе со 1:0, но по 90 минути беше 1:1. Рио Аве поведе со 2:1 во дополнителните 30 минути, а Росонерите добија пенал во 122-рата минута. Калханоглу погоди за 2:2 и се избори за пенали.

Во пенал-рулетот се случи неверојатна драма, па мораше да се изведуваат дури 24 пенали. Двете екипи ги погодија првите осум удари, а потоа Коломбо промаши за Милан. Рио Аве имаше меч-топка, но шутот на Монте удри во двете стативи, прошета по гол-линијата, но не влезе во голот.

Потоа двете екипи погодија, па дојде редот да шутираат голманите. Донарума ја „рогна“ над гол, а со иста мера возврати и чуварот на мрежата на Рио Аве, кој доколку погодеше, ќе беше херојот на својот тим. Португалците и по третпат имаа шанса да одат понатаму затоа што промаши Бенасер, но домаќините како да се уплашија да победат и пак промашија во шутот за триумф.

На крајот, во 12-тата серија Кјаер погоди за Милан, а Донарума конечно одбрани еден удар на домашните играчи и Росонерите се радуваа на влез во групната фаза од Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести