Енергија и искуство е формулата за која селекторот Карло Анчелоти верува дека може да му донесе резултат на Бразил на Светското првенство.
Победата на Кариоките над Египет потсети дека петкратниот светски првак не смее да биде потценет. Овој тим на Бразил сака да турка, да „гризе“ и да ја држи топката што подалеку од својот 16-ник. Сака да има посед, но најопасни се кога ќе тргнат во контра по освоена топка. Притисокот после загубена топка е нивно оружје, Рафиња е водач и пример за соиграчите.
Пред мечот, Анчелоти најави дека сака да ги проба Лукас Пакета и Игор Тијаго како варијанти во нападот, покрај сигурните Рафиња и Винисиус. На крај, испадна дека тој има еден друг напаѓач со опсесија за давање голови. Тоа е Ендрик. На младиот голгетер му требаа само шест минути на терен за да постигне гол. Анчелоти го прегрна и бакна.
Ендрик имаше солидна полусезона во Лион каде беше на позајмица од Реал Мадрид. Анчелоти го повика во тимот за СП, сега размислува да му биде и стартер и да му даде предност пред Игор Тијаго.

Фото: Rafael Ribeiro/CBF

