Драма во Феникс и победа за Сонцињата на која се радуваше и Лејкерс (видео)

Феникс ја доби драматичната средба против Портланд со минимални 118:117 благодарение на Девин Букер и неговите слободни фрлања на 2,4 секунди до крајот, со кои Сонцињата ја остварија 49-тата победа во регуларната сезона и по 70 меча заостануваат еден триумф зад лидерот Јута на Западот.

Феникс уште се надева на првото место во Западната конференција, па доколку ги добие двете последни гостувања кај Сан Антонио, а Јута загуби еден меч од гостувањата кај Оклахома, односно Сакраменто, тимот од Аризона ќе избие на лидерското место пред стартот на плејофот поради подобриот учинок во меѓусебните дуели со Џезерите.

Поразот на Портланд е од големо значење и за шампионот Лејкерс. Езерџиите водат тесна битка со Блејзерс за шестото место на Западот, кое директно води во разигрувањата, па за да избегне плејин ќе мора до крајот да победува, а Портланд не смее да победи во последниот меч против Денвер.

Во мечот на ноќта, Демиен Лилард блескаше со 41 поен, меѓутоа не можеше да им помогне на Блејзерси да го обезбедат местото во плејофот. Портланд ја имаше победата во свои раце, но Букер на контроверзен начин изнуди пенали во самиот финиш и ги погоди за пресврт и прекин на серијата од пет победи на Портланд.

Останати резултати НБА:

Шарлот 90:113 Клиперс, Индијана 133:142 Милвоки, Атланта 116:93 Орландо, Мајами 106:94 Филаделфија, Њујорк 102:98 Сан Антонио, Чикаго 114:102 Торонто, Мемфис 116:110 Сакраменто, Минесота 103:114 Денвер.

- Оглас -

Најнови вести