Дресот со „Божјата рака“ на Марадона го има англиски репрезентативец, цената ќе биде вртоглава на аукција

Стив Хоџ е човекот што го има највредниот дрес од богата колекција на легендарниот Диего Армандо Марадона и веќе го објавил за аукција по смртта на Аргентинецот, а цената ќе биде вртоглава.

Се проценува дека почетната цена ќе биде два милиони евра, за дресот што Марадона го носеше на култниот меч против Англија, кога го даде голот со „Божјата рака“, еден од историските моменти во светот на фудбалот.

Хоџ играше за Англија на тој меч и раскажува како дошло до размена на дресовите со Марадона.

„Само се погледнавме во тунелот на заминување по мечот и без да проговориме ги разменивме дресовите“, вели Хоџ.

Интересно е што англискиот репрезентативец потоа се врати на терен со дресот на Марадона за вообичаеното интервју по мечот.

Сега е објавено дека дресот ќе оди на аукција, а почетната цена од два милиони евра ја откри познатиот колекционер Давид Амерман.

„Многу тешко е да се одреди цената на такво богатство и раритет. Знам само дека сопственикот истакнал дека цената ќе биде најмалку два милиони евра. Скапо е, но не гледам причина зошто некој богат колекционер не би платил и толкава сума за такво богатство“, вели Амерман.

Дресот моментно е истакнат во англискиот национален фудбалски музеј во Манчестер.

 

- Оглас -

Најнови вести