Дуделанж ја згасна и последната искра надеж, трите црвени картони ги излудеа тетовци

Со голот на Рикардо Делгадо во 78-мата минута, луксембуршкиот Дуделанж ги реши сите дилеми околу патникот во наредното квалификациско коло од Лигата на Европа, а Шкендија одигра 1-1, недоволно за нови дуели со Номе Калју во следната фаза од квалификациите.

Се покажа дека летово во европските мечеви голови за Шкендија знае да дава само Агим Ибраими, и тоа од прекини. По три пенали, тој денеска погоди и од слободен удар во 92-рата минута. Дуделанж славеше во Скопје со 2-1 и тоа беше клучно бидејќи тетовци не се покажаа кадарни да дадат повеќе од еден гол на мечевите во европските купови.

Во финишот, судијата Грифит од Велс покажа дури три црвени картони за фудбалерите во црвено-црни дресови. Најпрвин поцрвене Муслиу, кој набрзина доби два жолти картони во неговиот веројатно последен меч во дресот на Шкендија, пред најавениот трансфер во МОЛ Види. Потоа црвен картон за фаул од позади доби и Нафиу, а незадоволен од одлуката, Агим Ибраими жестоко протестираше, па и тој доби директен црвен.

По последниот свиреж на судијата, некои играчи на Шкендија тргнаа да се расправаат со судијата, но не дојде до физички контакт и брзо се смирија страстите.

 

- Оглас -

Најнови вести