Дуделанж не може да избега од нас – Ставрев ќе им суди на клучниот меч

Александар Ставрев е редовен учесник и делител на правдата во европските купови, а во четврток, од 20 часот ќе биде главен судија на „Жози Бартел“ во Луксембург, на реванш-мечот за Лигата на Европа меѓу Дуделанж и Арарат Ерменија.

Двата шампиони на своите земји ќе ја бијат клучната битка за пласман во фазата по групи во Лигата на Европа, а многу работи ќе зависат од најдобриот македонски судија.

Дуделанж веќе имаше средба со нашиот фудбал ова лето и ја елиминира Шкендија во втората квалификациска рунда за настап во Лигата на Европа. Лани тие станаа првиот клуб од Луксембург што стигнал до фаза по групи во едно од двете европски клупски натпреварувања и играа во групата со Милан, Бетис и Олимпијакос во ЛЕ. Сега имаат шанса вторпат по ред да бидат учесници во второто по вредност европско клупско натпреварување ако ја анулираат негативата од 1:2 од првиот меч.

Арарат Ерменија има интересна приказна, а за нив успех задутре на „Жози Бартел“ би значел историски клупски успех. Формирани се во 2017 година, досега сменија три имиња, се обидоа како Арарат Русија да настапат и во руската лига, а веќе имаат и една титула шампион на Ерменија. Би бил вистински подвиг во третата сезона како тазе формиран клуб да се пласираат во фазата по групи во ЛЕ.

 

- Оглас -

Најнови вести