Дуел на непоразените во „Јане Сандански“: МЗТ треба да го бутне Борац

Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром ќе се обиде да ја продолжи перфектната низа во регионалната АБА 2 лига. Противник на Штрковите денеска е Борац, кој исто како и МЗТ е со три победи во три меча, а благодарение поради подобрата кош-разлика, денешниот гостин е лидер на табелата во АБА 2.

И тренерот на МЗТ, Ѓорѓи Кочов знае дека ова ќе биде вистински тест за силата на македонскиот тим во регионалното натпреварување.

„Според мене, екипата на Борац Чачак е еден од најголемите фаворити во АБА 2. Го задржаа костурот од минатата сезона, плус донесоа уште неколку квалитетни засилувања. Споредено со нашиот тим, гостите во мечот влегуваат како фаворити, но без разлика на тоа, очекувам тврд меч во кои моите кошаркари ќе треба да го дадат максимумот. Само тоа е начинот до евентуаланата победа.Се надевам дека на овој дерби меч ќе ја имаме поддршката од нашите симпатизери и навивачи“, изјави Кочов.

МЗТ против Борац играше два меча и во минатата сезона. Македонскиот шампион во „Јане Сандански“ победи убедливо со 82:57.

„Целта ни е да победиме на сите мечеви на домашен терен, но не смее да ги занемариме и гостувањата. Ни следи меч против МЗТ и вредно се подготвувавме. Ова ќе биде меч на непоразените тимови. МЗТ сигурно има амбиции да се врати во АБА 1, но и ние имаме свои амбиции. Знаеме дека МЗТ има многу квалитетни играчи, а тоа го покажува и фактот што во првите три кола, три различни играчи од овој клуб беа МВП на трите кола досега“, рече тренерот на Борац, Марко Мариновиќ.

 

- Оглас -

Најнови вести