Дурант, Ирвинг и Харден конечно играа заедно, дебито им го расипаа импресивниот Охриѓанец и одличниот Кливленд (Видео)

Охриѓанецот Џеди Осман одигра одличен меч за Кливленд кавалирс и со 25 поени и по 7 скока и асистенции беше меѓу најдобрите на паркетот во историска ноќ во НБА.

За првпат заедно за Бруклин нетс играше новиот трилинг мегаѕвезди Кевин Дурант, Кајри Ирвинг и Џејмс Харден, или како што популарно ги нарекоа „Биг три“, но дебито им го расипа Кливленд, со победа од 147:135 по две продолженија.

Дурант постигна 38 поени со 12 скока и 8 асистенции, Ирвинг уфрли 37 поени, а Харден забележа трипл-дабл од 21 поен, 10 скока и 12 асистенции. Или тројцата заедно постигнаа вкупно 96 поени од 135 на Бруклин, што не беше доволно за победа.

Блескаше Колин Секстон, кој уфрли 42 поени за Кавалирс како најефикасен на мечот и со рекорд во кариерата, а по него најмногу поени за победничката екипа забележа турскиот репрезентативец Осман, кој е роден во Охрид.

Еднаков број поени како Секстон, како најефикасно дуо ноќеска постигна и Џоел Ембид за Филаделфија 76, екипа што го победи Бостон со 117:109 и моментно со биланс 10-5 е најдобрата екипа во Источната конференција на НБА-лигата.

Резултати: Кливленд – Бруклин147:135 по две продолженија, Филаделфија – Бостон 117:109, Индијана – Далас 112:124, Атланта – Детроит 123:115 по едно продолжение, Торонто – Мајами 102:111, Минесота – Орландо 96:97, Хјустон – Феникс 103:109, Голден стејт – Сан Антонио 121:99, Л.А. клиперс – Сакраменто 115:96. 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести