Дури сега ќе го запамтат: Левандовски се нудел да игра за Ѕвезда за 1.000 евра, но бил одбиен

Роберт Левандовски синоќа уште еднаш блесна и ги воодушеви сите постигнувајќи четири гола само за 15 минути во дуелот против Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите. Полјакот со години е еден од најдобрите голгетери во светот, а интересна е приказната која се шири дека пред повеќе од 10 години токму Црвена ѕвезда пропуштила шанса да го доведе во своите редови.

Левандовски како 18-годишен тинејџер бил резерва во Легија Варшава, а откако не добил шанса да се докаже во првиот тим, бил понуден на Црвена ѕвезда. Србинот Мирко Поледица, кој во тоа време играл во Легија, се обидел да го одведе Левандовски во српскиот првак. Тогаш уште како талент, Левандовски бил подготвен да игра само за 1.000 евра плата, но од Ѕвезда го одбиле со образложение дека ако не може да се избори за место во Легија, никако не може да биде дел од Црвено-белите од Белград.

Потоа Левандовски замина во третолигашот Знич, каде што за една сезона даде 30 голови и го внесе тимот во втора лига, па направи трансфер во Лех и потоа во 2010 година замина во Борусија Дортмунд. Од 2014 година е дел од Баерн Минхен и покажува дека уште е незадржлив пред противничкиот гол.

Четирите гола за 15 минути се неверојатно постигнување, но Левандовски може да се пофали дека има дадено и пет погодоци само за девет минути во германското првенство. Тоа се случи на дуелот против Волфсбург. Тоа чудо може да го погледнете на клипот.

- Оглас -

Најнови вести