Двата најпознати гола Марадона ги постигна во рок од само четири минути (Видео)

Виртуоз, магионичар, неповторлив… Тоа се само дел од епитетите кои ги добиваше Диего Армандо Марадона додека играше. Едноставно, малиот по раст Марадона беше незадржлив, а тоа најдобро го почувствуваа Англичаните на Светското првенство во 1986 година.

Се играше четвртфиналето на Мундијалот, а мечот имаше посебно значење. Само неколку години претходно, Англија и Аргентина беа во војна, а сега на фудбалскиот терен биеја битка за светскиот трон.

Во првото полувреме беше 0:0, а потоа на сцена стапи Марадона. Во 51-вата минута, Марадона го постигна погодокот со „раката на Господ“. По еден центаршут, Марадона скокна, но беше пренизок за да ја удри топката, па се послужи со рака. Голманот Питер Шилтон беше збунет како нискиот Марадона успеа да ја сврте топката во неговата мрежа. Иако Англичаните сигнализираа дека Марадона постигнал гол со рака, судијата тоа не го виде и го призна погодокот што беше водство за Аргентина од 1:0.

Само четири минути по голот со „раката на Господ“, Марадона го даде и најубавиот погодок во кариерата. Ја доби топката во својата половина, успеа да помине неколку противнички играчи, го легна на земја и Шилтон, а потоа погоди во празната мрежа за 2:0.

Со овие два гола на Марадона, Аргентина победи во четвртфиналето, а подоцна Гаучосите станаа и светски прваци, секако најмногу благодарение на феноменалниот Марадона.

- Оглас -

Најнови вести