Две години не се виделе, ќе договорат ли резултат кој им одговара?

Хрватска вечерва во Сплит ја пречекува Португалија во последното коло од групата во Лигата на нациите и на Хрватите им треба победа за сигурен опстанок во елитната Лига А. Ако Шведска загуби од Франција, мечот во Сплит нема да има значење, но Коцкестите секако нема да чекаат помош од Франција, туку сакаат сами да си ја завршат работата.

Но, ривалот е незгоден, Португалија ја освои титулата во Лигата на нациите во минатата сезона, пред два месеци ја победи Хрватска со 4-1, и тоа без Кристијано Роналдо во составот. Сега главната португалска ѕвезда ќе биде во составот и ќе се обиде со гол да се доближи до светскиот рекорд по број на голови за репрезентација.

Роналдо по подолго време се сретна со своите некогашни соиграчи од Реал Мадрид, Лука Модриќ и Матео Ковачиќ, па не ја испушти приликата да поразговара со нив и да се фотографираат заедно. Кристијано во летото 2018 година си замина од Реал, а таа година Златната топка ја освои Модриќ, што го налути Португалецот кој не се појави на церемонијата на доделувањето.

Роналдо пролетоска беше во Мадрид, го гледаше Ел Класико, но немаше информации дали се видел со Модриќ. Сепак, дека односот не им е нарушен, се покажа во Сплит.

„Мило ми е што се видовме, поразговаравме за многу работи. Нè врзуваат убави спомени, се потсетивме на времињата од Реал“, откри Модриќ.

Средбата се случи по тренингот на Португалците на „Пољуд“. Во Сплит се преземени силни мерки на безбедност, никој не може да им се доближи на Португалците на помалку од 10 метри, хотелот им е под силно обезбедување, а и вработените во хотелот потпишале изјава дека со гостите ќе имаат строго професионален контакт.

- Оглас -

Најнови вести