Двократниот македонски првак ја покажа хуманата страна и потенцира дека подмладената Македонија има шанси во евроквалификациите

Кошаркарската репрезентација на Македонија овој месец ќе одигра два квалификациски дуели за Евробаскетот 2021, а како први предизвици се селекциите на Естонија и Русија. Во таква ситуација, ја искористивме приликата да разговараме со двократниот македонски првак со Струмица и Фени Индустри, воедно и поранешен најкорисен играч во нашата лига, Златко Гоцевски, да ги искаже своите ставови околу репрезентацијата, а воедно да ни помогне да ја оствариме хуманитарната акција на Sport Life и Sport Manija, „добротворен тикет“.

Гоцевски има надеж дека подмладената македонска селекција може да оствари добри резултати во овие квалификации, иако избраниците на Ацо Тодоров ќе се соочат со квалитетни тимови како Русија и Италија, но ја потенцираше и реалноста дека недостигот на искуство кај младите кошаркари може да биде проблем.

„Подмладокот на репрезентацијата секогаш е добар знак. Штом се повикани во А тимот значи дека поседуваат квалитет и потенцијал, само треба да им се даде шанса и да стекнат искуство, а овие натпревари се добра прилика за такво нешто. Естонија е селекција која мора да ја добиеме на домашен терен, но не се наивни, што значи дека ќе треба да одиграме на високо ниво. Потоа следува гостувањето кај Русите, а реално кажано, тие се далеку поквалитетна репрезентација, без разлика дали ќе им играат големите ѕвезди како Алексеј Швед. Сепак, се надевам дека во следните циклуси ќе направиме барем едно изненадување на домашен терен. Ацо Тодоров е еден од најдобрите македонски тренери, со доволно дадено време за работа можам да кажам дека успехот и напредокот се неизбежни, а воедно очекувам да се потпре на младите играчи, пред сè на Нено Димитријевиќ, во кого гледам иден лидер на нашата репрезентација“, истакна Гоцевски.

Обложувањето во последно време го запоставил со оглед на обврските, иако повремено знаел да направи тикет и да проследи неколку мечеви. Повеќе внимание обрнува на кошарката, секако во прв план е домашната лига, а потоа и јадранската и Евролигата.

Неговиот тикет ги содржи двете големи дербија за викендов, во Лондон каде што силите ќе ги одмерат Челзи и Манчестер јунајтед, односно во Рим меѓу Лацио и Интер. Иако ретко следи фудбалски натпревари, што е сосема нормално за човек кој речиси цел живот се занимава со кошарката, но сепак најде шест парови со кои се надева дека неговото типување ќе биде успешно и средствата ќе се искористат онаму каде што е потребно.

Како за потсетување, Македонија на 20 февруари (четврток), во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ја пречека селекцијата на Естонија во рамки од првото квалификациско коло.

- Оглас -

Најнови вести