Е ова ќе биде лудо и незаборавно – За кралот мора да се игра со публика во најчудниот термин во историјата на фудбалот

За кралот ќе се игра пред публика, макар тоа да е во веројатно најчудниот термин во историјата на шпанскиот фудбал. Трите главни спортски фактори во Шпанија препорачаа финалето во Копа дел Реј меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад да се одигра пред крајот на идната сезона, 2020/21.

Врховниот совет за спорт (ЦСД), Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) и претставниците на Ла Лига препорачаа Атлетик Билбао и Реал Сосиедад да го играат финалето на „Бенито Вилјамарин“ на една седмица пред крајот на идната сезона и пред полни трибини.

Ова ако се оствари, би било најчудното финале во долгата и богата традиција на мечеви за титулата во Купот на кралот. Двете екипи немаат ништо против предлогот и сигурно ќе прифатат ако конечната одлука биде финалето од 2019/20 да се одигра во следната сезона.

Во таков случај победникот би играл во Лигата на Европа во сезоната 2020/21, а тоа би довело до поместувања во сезоната што допрва треба да се доигра и да заврши.

Атлетик Билбао би загубил сезонава, но ако победи во финалето, би бил во ќар за следната сезона. Тие моментно се на 10-тото место во Ла Лига и имаат мали шанси да се пробијат до позициите што водат во Европа.

Реал Сосиедад е во поинаква ситуација и клубот од Сан Себастијан е на четвртото место и ако успее да ја задржи таа позиција во евентуалното продолжение на сезоната и во преостанатите 11 кола во Ла Лига, би играле во Лигата на шампионите, а потоа ако го победат ривалот од Баскија во финалето на Купот, ќе имаат загарантирано место и во Лигата на Европа за следното издание.

 

- Оглас -

Најнови вести