Еден крилен центар со име Страхиња си замина од МЗТ, а на негово место дојде друг Страхиња

Српскиот кошаркар Страхиња Миќовиќ (30 год, 205 см) е второто странско засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок.

Станува збор за крилен центар со големо искуство во регионалното натпреварување настапувајќи за екипите на Игокеа и за Морнар, од каде што доаѓа во Аеродром. За тимот од Бар минатата сезона одигра 38 средби во сите натпреварувања од кои на 21 беше во стартната петорка, а во кои борбеноста и агресивноста во одбраната беа најзначајните карактеристики во неговата игра.

Тој треба да биде силно оружје на позицијата на која за МЗТ сезонава добро играше еден друг Страхиња, Црногорецот Милошевиќ.

Претходно, две години играше во Германија и тоа за екипите на Мителдојчер со просек од 13 поени и 4,6 скока како и за Телеком Бон, со просечна реализација на 13,7 поени со 3,8 скока.

Миќовиќ во минатото има играно против МЗТ во АБА лигата и речиси секогаш имаше добра статистика. На еден меч во „Јане Сандански“, Миќовиќ во дресот на Игокеа има уфрлено 20 поени, а во истата сезона, 20 поени даде и против Карпош Соколи.

- Оглас -

Најнови вести