Една година суспензија и 500.000 долари парична казна за акционерот на Голден стејт

Се испостави дека човекот кој го турна Кајл Лаури во текот на третиот меч од финалната серија против Голден стејт бил акционер на актуелниот НБА-шампион. Марк Стивенс е казнет од страна на Асоцијацијата со една година суспензија, поточно забранет влез на натпреварите од оваа лига, плус 500.000 долари отштета за непрофесионалниот однос.

Акционерот Стивенс си ја наруши репутацијата со еден глупав потег. Во ситуација кога кошаркарот на Торонто се обиде да ја спаси топката да не оди во аут, падна врз првиот ред од седиштата, каде што во непосредна близина беше и Марк Стивенс. Наместо човечки да му подаде рака да стане, тој дополнително го турна Лаури, а плејмејкерот на Репторс по мечот истакна дека и вербално бил навредуван од страна на Стивенс.

Лаури бараше од Ацосијацијата да се преземат строги мерки, па Стивенс експресно си ја доби казната.

Ноќеска, во 3 часот по полноќ во „Оракл арената“ ќе се игра четвртиот натпревар од финалната серија, а по три средби Торонто води со 2-1 против актуелниот бранител на титулата.

- Оглас -

Најнови вести