Ефремовски добротворно типува за спас на малата Ребека

Виктор Ефремовски, кошаркарот на Работнички, прифати да учествува во хуманитарната акција на Sport Life и Спорт Манија со надеж  дека со неговото составување на добротворниот тикет ќе може да помогне на петмесечното бебе Ребека Цветковска Гиевска, која боледува од церебрална парализа и ѝ се потребни 19.000 евра за лекување во Турција.

Добротворниот тикет на Ефремовски има потенцијална добивка од 314.803 денари, или повеќе од 5.100 евра.

Ова му е прво самостојно типување, односно обложување од каков било карактер бидејќи Виктор досега најблиску до „спортската“ бил така што на пријателите им давал совети околу кои кошаркарски натпревари и играчи од НБА-лигата да ги типуваат.

„Не, не се обложувам, но поради тоа што ја следам НБА-лигата, знам да им дадам на другарите по некој тип, дали кошаркарот ќе биде плус во поени и слично. Првпат сам составувам тикет и се надевам дека успешно ќе прогнозирам бидејќи се работи за добротворна акција, а на малата Ребека и тоа како ѝ се потребни средства за да ѝ се обезбеди здрав и долг живот“, вели Ефремовски.

Како поранешен најдобар млад кошаркар во Македонија, Ефремовски се надева дека ќе може да ја преслика сезоната 2017/18, во која беше МВП во младинското првенство, а во ист ден потоа стана и македонски шампион со Работнички, прекинувајќи ја доминацијата на МЗТ.

 

„Мислам дека оваа сезона имаме квалитет да ги оствариме целите, иако распоредот ни е доста пореметен поради АБА2 лигата и целата ситуација со корона-вирусот. Да не ги загубивме оние натпревари службено во Бања Лука, сметам дека ќе се најдевме во топ 8 екипите. Ва домашното првенство сигурен сум дека ќе одиме далеку“, додаде Виктор.

Црвената боја му лежи на Викса. Покрај тоа што веќе неколку години е член на Центарци, како и на сениорската репрезентација на Македонија, Ефремовски е страстен навивач на Милан, па својата доверба ја стави во омилениот тим со надеж дека ќе му го отвори патот кон добитниот тикет.

„За Милан навивам уште од мал, затоа и најчесто и најактивно ја следам италијанската Серија А. Штета што во последно време го загубија чекорот во битката за Скудетото, но барем се вратија при врвот, што е добро, и веројатно ќе играат во Лигата на шампионите“, заврши кошаркарот на најтрофејниот македонски клуб.

- Оглас -

Најнови вести