Експресно се откажавме, за рано да почнеме да градиме иднина

Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 21 година имаше несупешен циклус квалификациски натпревари за Европското првенство 2019 година и заврши како претпоследна во групата со само 7 бодови и само пред селекцијата на Гибралтар.

Рано се откажавме од битката за втор настап на ЕП, по успехот на претходната генерација и нивното историско учество на шампионатот во Полска 2017.

Селекторот Добринко Илиевски вели дека вториот дел од квалификациите во конкуренција на Србија, Русија, Австрија и Ерменија кои беа пред нас и фенерџијата Гибралтар сме ги искористиле како подготовка за следниот циклус квалификации.

„Целта за последните натпревари од квалификациите за ЕП 2019 години беше да создадеме база за следниот циклус, со оглед на тоа што шансите за висок пласман одамна беа загубени. Фудбалерите кои го носеа товарот на натпреварите кои јас ги водев како селектор се три години помлади, а некои од нив и четири години помлади од генерацијата со која играа репрезентациите кои ни беа противници во групата. Со драстично подмладен состав ние освоивме четири бодови од исто толку натпревари, за разлика од првите шест мечеви каде остваривме само една победа и бевме на последното место. Веројатно впечетокот ќе беше уште подобар доколку не ни се случеа несреќните минути од судиското продолжение против Ерменија кога ја испуштивме победата и пласманот на пред нив на табелата“, вели Илиевски за официјалниот сајт на ФФМ.

И токму само Ерменија и ја победивме на гости и Гибралтар дома, комбинирано со реми против Ерменците во Скопје.
Со посилните противници Србија, Русија и Австрија редевме само порази, а шокантно делуваше и неуспехот од Гибралтар (0:1) на гостински терен. По тој меч веќе беше извесно дека ќе си замине Благоја Милевски, а во продолжението палката како селектор ја презеде Илиевски. Квалификациите ги завршивме со убедлив триумф од 6:1 против Гибралтар и со 7 бода од 10 натпревари.

„Задоволен сум од финишот на квалификациите и од убедливиот триумф против Гибралтар. Со оглед на тоа што дојдоа во период кога нивната А репрезентација забележа историска победа во Лига на нации, а исто така мотивирани од победата против нас од првиот дуел, бевме многу внимателни во пристапот. Радува тоа што одигравме одговорно и трпеливо, а резултатот и играта ни даваат за право да мислиме дека сме на вистинскиот пат“, дополни селекторот на младата репрезентација.

На ЕП следната година во Италија и Сан Марино од нашата група ќе патуваат победникот Србија и Австрија, како една од најдобрите четири второпласирани селекции од деветте групи.

- Оглас -

Најнови вести